Шуто Оризари

Во општина Шуто Оризари ќе се градат нови паркови

Во општина Шуто Оризари ќе се градат два нови парка со кои се уредуваат и опремуваат две детски игралишта. Првото детско игралиште е во непосредна близина на Управата на општина Шуто Оризари, додека другото игралиште е во непосредна близина на Казнено-поправната установа, информираат од Општината.

 

Едното детското игралиште, како што се наведува во соопштението од Општината, ќе се гради на површина од 400 метри квадратни, со местоположба на аголот на ул. Шуто Оризари – Скопје. Локацијата е на неизградено земјиште и на агол на две локални улици спроти КПУ Затвор Скопје.

 

Игралиштето ќе биде оградено со жичена мрежа – универзално челично пластифицирано плетиво поставена на челични столбчиња масно обоени во два слоја. Предвидено е игралиштето да биде обезбедено, со врати што се заклучуваат. Терените за игра се предвидени да бидат изработени од песочна подлога, со различна гранулација (ситен и крупен песок). Мека гумена подлога е предвидена на еден дел од површината за игра.

 

Што се однесува на опремата за игра, од Општината велат дека се предвидени лулашки, клацкалки, лизгалки, карпа за качување. Покрај опрема и реквизитите за игра, предвидено е поставување урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и чешмичка за пиење вода.

 

– Површината за градба на другиот детски парк се наоѓа во непосредна близина на седиштето на општинската зграда. Локацијата е со приближна површина од 1.500 метри квадратни, со местоположба на аголот на ул. „Виетнамска (Хаџи Јован Шишков)“ и ул. „Злетовска“. Локацијата е оградена со нетранспарентна ѕидана ограда од црвени блокови, соопштуваат од општина Шуто Оризари.

 

Осветлување е поставено околу оградата. Во рамки на игралиштето, има површина наменета за паркирање со четри паркинг места од кои, едно е предвидено за лица со хендикеп. Останатите површини се наменети за игра со песочна подлога со различна гранулација.

 

Предвидени се три зони за игра во паркот, од кои во едната зона се предвидени клацкалки, лулашки, лизгалки и една повеќенаменска играчка со две кули. Вториот дел е предвиден за спорт и рекреација на повозрасна група на корисници, каде се поставени реквизити наменети за вежбање-греди, двостепени вртила и полукружна скала. Во третата зона е предвидено да има карпа за качување.

 

Трите зони се поделени со бехатонски патеки. Во средина на игралиштето, предвидена е чешма за пиење. Во рамки на игралиштето поставени се клупи и корпи за отпадоци, се наведува во соопштението од Општината.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.