Сарај

Жителите на Сарај ги предаваа старите печки на дрва и нафта

Во Општина Сарај почна предавањето на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима уреди за затоплување, како уште една од мерките за борба против аерозагадувањето.

Жителите на Општина Сарај кои аплицираа за субвенции за набавка на клима инвертери во Град Скопје имаа можност да ги предадат своите стари печки на дрва, нафта и други нееколошки енергенси, во дворот на средното училиште „Сарај“. Пунктот за предавање печки во средното училиште „Сарај’ викендов го посетија градоначалникот Шилегов и градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети.

„Се наоѓаме во Сарај, на една од локациите каде граѓаните ги доставуваат старите и нееколошки печки кои веќе ги замениле со енергетски ефикасните инвертер клими. Само од оваа општина пристигнати се околу 160 апликации, што значи ќе имаме 160 оџаци помалку кои ќе го загадуваат воздухот. До привременото запирање на повикот во Град Скопје се пристигнати околу 4.060 апликации. Правиме пресек на процесот на субвенционирање и заради транспарентност на реализацијата на повикот и заради подобро информирање на граѓаните за суштината на овој повик и очекуваните резултати“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Шилегов напомена дека во наредните две години согласно условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, во однос на тоа да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.