Асфалтирани улици и атмосферска канализација во Пинтија

Започнаа градежните работи за изградба на атмосферска канализација, реконструкција и изградба на нова пристапна улица во населбата Пинтија.

– Жителите на Пинтија на потегот од улицата „Саса 2“ ќе добијат целосно реконструирана улица. Улицата „Саса 6“ ќе се санира со ширина на профил од 10 метри, на истата ќе се изработат нови тротоари од двете страни, со ширина од два метри, како и нов пристапен пат изработен од павер елементи со ширина од 5,5 метри. Вкупната должина на поставување на асфалт заедно со павер елементите на улицата ќе биде во должина од 400 метри, соопштија од Општина Кисела Вода.

Наведоа дека од крстосницата со ул. „Јабланица“ до крстосницата на улицата „1440“ ќе се реконструира улицата „Саса 6“, во должина од 81 метар.

– Ќе се асфалтира и кракот на улицата „Јабланица“ во должина од 73 метри со постојната ширина. На овие улици ќе се обноват и тротоарите. На улицата „Саса 6“ и по кракот на улицата „Јабланица“ во должина од 570 метри ќе се изгради нова атмосферска канализација, соопштија од Општината.

Средствата за подобрување на инфраструктурата се обезбедени преку Проектот за подобрување на општинските услуги. Истиот го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска Банка.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.