Отворен адреналинскиот парк во Карпош

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов и на Општина Карпош, Стефан Богоев присуствуваа на отворањето на новиот модерен спортско-адреналински парк на кејот на Вардар во населбата Карпош 4.

Паркот се протега на над 10.000 метри квадратни, а како што посочи премиерот Зоран Заев, истиот е во вредност од над 700.000 евра од ЕУ и локалната самоуправа.

„За овој ултра модерен адреналински парк сакам да упатам благодарност за поддршката до Делегацијата на Европската унија, која препозна успешен проект и на Општината која аплицираше на повик и беше доделен грант во висина од 38 милиони и 100 илјади денари во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност преку Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и Светската банка. Дел од инвестицијата е и на локалната самоуправа, која во овој проект вложи околу шест милиони денари со што вкупната вредност на адреналинско-рекреативниот парк е над 700.000 евра“, рече премиерот Заев по обиколката на реквизитите и одделните секции на новиот парк, која ја изврши заедно со амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската унија во нашата земја, Дејвид Гир, со претставници на Проектот за локална и регионална конкурентност, на Светската банка и на компанијата која ќе раководи со паркот.

Заев нагласи дека паркот е од полза за граѓаните заради тоа што се наоѓа на простор кој претходно беше неискористен и запуштен, а во иднина ќе пружи можност за рекреација и занимавање со спортски активности на граѓаните од сите категории, децата, младите и повозрасните.

„Ние како Влада, остануваме на определбата да даваме поддршка на локалните самоуправи и да поддржуваме политики, кои се однесуваат на создавање подобри услови за граѓаните, не само во однос на подобро образование и работни места, туку и подобри услови за искористување на слободното време, посветување на рекреација и спортските активности. Целта е дословно да ја примениме максимата „Во здраво тело-здрав дух“. Изминатиов период, повеќе од година и пол, соочувајќи се со пандемијата предизвикана од Ковид-19 видовме колку е важно здравјето. Затоа, си поставивме цел и во овој втор мандат да ги подобруваме и зголемуваме можностите за што поголем број на граѓани од сите возрасти да се занимаваат со спорт и спортски слободни активности. Да обезбедиме „спорт за сите”, рече премиерот Заев на отворањето на новиот адреналински парк.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во своето обраќање нагласи дека новиот спортско-адреналински парк е уште еден успешно завршен проект кој ќе остане во сопственост на Општина Карпош, на Град Скопје, на сите граѓани и ќе биде одлично место за несекојдневна рекреација на карпошани, скопјани, и сите други кои го посетуваат главниот град, но и сите туристи кои се зависници од спортскиот адреналин.

„Би сакал да посочам дека изградбата на спортско-адреналинскиот парк во Карпош се одвиваше во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност кој е во вкупна вредност од 21 милион евра, а е поддржан од Делегацијата на Европската унија и Владата на Република Северна Македонија. Ова е еден од 57-те потпроекти кои се одвиваа изминатите неколку години во десет туристички дестинации, а со кои директно влијаеме на зголемувањето на атрактивноста на нашата држава како туристичка дестинација и за домашните и за странските туристи, но и со кои се збогатува рекреативниот и културниот живот и се подобрува животниот стандард на сите граѓани“, подвлече вицепремиерот Битиќи.

„Паркот одлично се вклопува во околината на кејот на Вардар, близината на градскиот парк, а очекувам да се вклопи и во новиот парк во Карпош 4 чија реализација ја оставивме за претстојниот период”, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој додаде дека за разлика од пред неколку години, а особено после пандемијата, може да се забележи дека Скопје навистина има многу нови спортски содржини на отворено и тоа во речиси сите скопски општини.

„Продолжуваме посветено да работиме на унапредување на животната средина на нашите сограѓани, што ќе значи истовремено и повеќе зеленило и повеќе пропратни содржини за спорт и рекреација кои се неопходни предуслови за водењето на здрав живот во урбаните средини”, додаде Шилегов.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев истакна дека станува збор за прва спортско-рекреативна зона во Скопје од таков тип, која покрај игралишта за фудбал и одбојка на песок со трибини, реконструиран скејт парк, сквер, детско игралиште и соодветна урбана опрема со еколошко осветлување, содржи и адреналински дел.

„Во рамки на оваа зона засадивме и 80 висококвалитетни дрвја, нова тревна површина, а поставен е и систем за наводнување на зеленилото. Сите заинтересирани граѓани ќе можат преку електронска пошта или телефон да закажат термин на фудбалското и одбојкарско игралиште, а адреналинскиот дел го одржува „Adventure side“, истакна градоначалникот на Општина Карпош, Богоев.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.