Нови образовни асистенти во Општина Карпош

На  денешната 42. седница на Советот на Општина Карпош, членовите на Советот ја изгласаа одлуката за давање согласност за потпишување на Договор за реализација на Проектот „Карпош за  еднаквите во училиштата 2020/2021 година“.

 

Станува збор за одлука за потпишување на Договор помеѓу Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP) и Општина Карпош за имплементација на активности каде УНДП обезбедува поддршка во рамките на проектот „Креирање можности за работа на сите- IV“. Преку одлуката се овозможува ангажирање на образовни и лични асистенти за учениците со попреченост кои ја следат редовната настава во општинските основни училишта во Општина Карпош. Локалната самоуправа ќе кофинансира 20 образовни асистенти во износ од 20% од месечниот надоместок.

 

Советниците ја одобрија и одлуката за примање на донација од  друштвото за трговија „ГРАНАП ГНП  ДООЕЛ-Скопје“- за изградба на крак, дел од фекална канализација пред објект ГП  1.72 преку улица Будимпештанска до   улица Московска. На седницата беше изгласана и одлука за ослободување од партиципација на деца Роми на возраст од  3-6 година.  

 

Исто така, на оваа седница беше дадена „виза“ на годишниот план за вработување за 2021 година на ООУ „Братство“, а се усвоија и годишните програми за работа на десетте основни училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош за 2020/2021 година.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.