Темелна реконструкција на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1

Користејќи ги поволните временски услови, Општина Карпош продолжува со целосна санација и реконструкција на повеќедецениски стариот објект, во чии рамки функционира детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, информираат од општината.

Од неодамна беа поставени нови ПВЦ прозорци и врати, а целосно беа реновирани и детските тоалети, се изврши санација на фекалната канализација и санитетските јазли, а денеска се прават корекции на покривот.

Од особена важност е тоа што оваа претшколска установа ќе добие и нова фасада, и целиот објект ќе биде енергетски ефикасен, односно, значително ќе се подобри звучната и топлотната изолација. 

За таа намена, стручните служби претходно ја отстранија старата дрвена фасада и лесонитните (канцерогени) табли, кои претставуваа сериозна закана за здравјето на дечињата и персоналот кои престојуваат во градинката.

Во моментов се работи на поставување на новата фасада, откако претходно надворешните ѕидови беа изолирани со термо изолација - (Тервол) и заштитни водоотпорни табли. 

Во просториите на градинката, денеска се одвиваат и тековните работи за одржување на внатрешноста на објектот. Имено, вработените темелно ги чистат спалните соби и занималните, го бојадисуваат инвентарот и столаријата, за потоа да се дезинфицираат детските креветчиња и душеците.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.