Миење и дезинфекција на улиците и урбаната опрема во Карпош

Општина Карпош продолжува со интензивно одржување на јавната хигиена, миење и чистење на улиците, платоата и плоштадите, како и урбаната опрема (клупи за седење, корпи за отпадоци, вело паркинзи).

 

Денеска, цистерните ги миеја и дезинфицираа локалните улици во Карпош 1 и Карпош 2, а исто така се користеше и посебно средство за дезинфекција на урбаната опрема.


Дел од овие активности, миењето на улиците стана секојдневна работа на комуналните служби на Општина Карпош, која во изминатиов период се интензивираше и како резултат на спречување на ширење на вирусот Covid – 19 (коронавирус).

 

Локалната самоуправа деновиве врши и вонредна дезинфекција на училиштата и градинките, a се затворија и детските игралишта и спортско – рекреативни зони во Карпош. Целта е да се спречи присуство на граѓани на овие места и да се намали можноста за ширење на вирусот.

 

Ги повикуваме сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус. Да го почитуваат полицискиот час  (од 21:00 до 06:00 часот), да не се собираат во групи и да излегуваат, единствено ако имаат итна потреба.

Интензивирани се и контролите од Министерството за внатрешни работи и Армијата, при што се предвидуваат казни за непридржување кон мерките.

 

 




© Скопски портал. Сите права се заштитени.