Граѓаните на Карпош 2 преку анкета ќе одлучуваат за зонско паркирање

Општина Карпош од денеска започнува со спроведување на анкета во урбаната заедница Карпош 2, со цел граѓаните да одлучат дали се за регулирање на паркирањето или не.

 

Во изминатата недела се спроведе иста ваква анкета во Карпош 1. Тимовите на локалната самоуправа ги посетија сите домаќинства, а оние кои не беа затекнати во своите домови беа повторно посетени до три пати.

 

Обучените тимови, со легитимација и анкетен лист продолжуваат да го сондираат мислењето на граѓаните од Карпош 2. Посетите по домовите од анкетарите ќе бидат од 17:00 до 19:00 часот во текот на работните денови, како и од 10:00 до 13:00 часот за време на викендот (сабота и недела). Граѓаните можат да пополнат анкетен лист и во просториите на урбаната заедница, на ул. „Бранислав Нушиќ“ бр.4, прикажувајќи своја лична карта.

 

„Нашите тимови ги информираат граѓаните што се подразбира под организиран начин на паркирањe. Регулацијата на паркингот значи дека паркирањето би било бесплатно за резидентите, да паркираат до три сопствени возила, а истото би било спроведено од страна на ЈП „Градски паркинг“. Овие анкети се организираат на веќе поднесени иницијативи од заедници на сопственици за воведување на зонско паркирање. Доколку постои интерес и од другите урбани заедници (населби), Општина Карпош ќе продолжи со спроведување на вакви анкети“ соопшти општинатa.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.