Шилегов: Клучката кај Визбегово значи пробивање на булеварите Словенија и Хасан Приштина

Градоначалникот Петре Шилегов денеска ја најави изведбата на клучката кај булеварот Словенија, која заедно со клучката кај Момин Поток се наоѓа на едната од двете главни рути што ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот.

На презентацијата на овој капитален проект денеска присуствуваа и вицепремиерите Фатмир Битиќи и Артан Груби, како и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.

„Денеска почнува постапката за избор на најповолен понудувач за изградба на клучката кај булеварот Словенија, што е всушност продолжение на клучката кај Момин Поток. Овде го решаваме тесното грло на поранешната 'Јадранска магистрала', сега булевар Хасан Приштина. Ова не значи само работа на клучката, ова значи дека почнуваме со градба на два нови булевара - едниот е булеварот Хасан Приштина низ индустриската зона Визбегово до обиколницата, а вториот е продолжението на булеварот Словенија, кој ќе оди до Волково и ќе се вклучува на обиколницата на западниот влез во градот. Вкупната инвестиција изнесува околу 550 милиони денари, а почнуваме со средства од ребалансот на буџетот на Република Северна Македонија, обезбедени од страна на Владата, во износ од 2 милиона евра. Сакам да изразам благодарност до вицепремиерите овде присутни за помошта што му ја даваат на Градот. Ова е инфраструктура што го решава најголемиот проблем во сообраќајот што во моментот постои во нашиот град, но создава и перспектива за понатамошен непречен развој на Скопје“, рече градоначалникот Шилегов на презентацијата.

Тој очекува дека за 2 до 2,5 години овој потег и северниот влез во Скопје ќе добијат сосема поинаков лик.

Станува збор за огромен проект во вкупна вредност од речиси 8,5 милиони евра, од кои за првата фаза 2 милиона евра се обезбедени со поддршка од Владата преку ребалансот на буџетот на Република Северна Македонија. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, проектот предвидува денивелиран патен јазол, чија конструкција предвидува 5 рампи, кои директно ги поврзуваат булеварите Словенија и Никола Карев и улицата Новопроектирана 6. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД-булеварско осветление, средишно и странично зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.

Изградбата на оваа клучка е од особено значење заради пробивањето на двата булевара - булеварот Словенија кон Карпош и булеварот Хасан Приштина кон излезот за Косово.

За потсетување, во северниот дел од градот Град Скопје веќе ги заврши булеварите Босна и Херцеговина, Христијан Тодоровски - Карпош и Никола Карев, а во тек е изведбата на клучката кај Момин Поток.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.