Само двајца нови пациенти за 24 часа во ковид центрите во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје има 2 нови хоспитализирани пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 51 лице сомнително и потврдено за Ковид-19 се лекува на инфективните одделенија во главниот град, голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, информира Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми. Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало еден примен пациент и еден новозаболен е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома е пуштен еден оздравен пациент.

Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 7 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 17 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 27 пациенти.

Од ресорното министерство известуваат дека бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, соопшти МЗ.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.