Реконструиран Булеварот 8 ми-Септември

Екипите на Град Скопје во рок од 30 дена ја завршија реконструкцијата на Булеварот 8-ми Септември во Општина Карпош, на потегот од Булеварот Илинден до улицата Скупи, а со тоа завршува и градежната офанзива за оваа година во која реконструирани и во изградба се вкупно 21 сообраќајница, информираат од градот.

 

На овој булевар е извршена комплетна реконструкција на коловозот, реконструкција на тротоарите, замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници, во двете насоки, во должина од 980 метри.

 

- Овој булевар е еден од најискористените во општина Карпош бидејќи преку мостот на Вардар ги поврзува населбите Карпош 2 и 3 со Злокуќани, Бардовци, Визбегово и околните населби. Пред две години на овој булевар изградивме велосипедска патека од улицата Варшавска до надвозникот кај „Александар палас“. Годинава ја продолживме оваа велосипедска патека од надвозникот до улицата Скупи и на тој начин го довршивме т.н. Конектор 5 кој ги поврзува трите главни велосипедски рути, на Булеварите Илинден, Партизански одреди и Митрополит Теодосиј Гологанов, и патеката по кејот на Вардар во вкупна должина од 2 километра. Булеварот ќе добие и нов дрворед – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.