Завршена е реконструкцијата на улицата Васил Ѓоргов

Град Скопје информира дека е завршена реконструкцијата на улицата Васил Ѓоргов на потегот од улицата Франклин Рузвелт до булеварот Мајка Тереза, една од главните сообраќајни артерии во населбата Капиштец во центарот на градот.

На улицата Васил Ѓоргов извршена е целосна реконструкција на коловозот во должина од околу 1.000 метри, реконструкција на оштетените делови од тротоарите, заменети се оштетените рабници, како и корекции на крстосницата со улицата Франклинг Рузвелт.

Вредноста на проектот е околу 20 милиони денари со вклучен ДДВ, а реконструкцијата беше завршена во предвидениот рок од 45 дена.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, најави дека во текот на следните дваесетина дена треба да започне продолжувањето на изградбата на булеварот Никола Карев од касарната Илинден до клучката со Момин поток.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.