Онлајн состанок со пожарникарите: Има начин за исплата на платите и додатоците

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, синоќа одржа онлајн состанок со претседателот на Владата, Зоран Заев, Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, советникот во Владата за труд и социјална политика Милан Живковиќ, претседателот на ССМ Дарко Димовски и претседателотот на Независниот синдикат на пожарникарите Тони Бошковски, во чии рамки беа разгледувани барањата на синдикатите на пожарникарите во скопската противпожарна бригада.

На овој иницијален состанок беа разгледани можностите за решавање на прашањето согласно постоечките законски можности на краток рок почнувајќи од месец ноември, како и можностите за системско уредување преку потребните законски измени.

„Недвосмислена волја за изнаоѓање прифатливо решение, преку разгледување на начините со коишто ќе биде овозможена исплатата на платите и додатоците на плата на пожарникарите“, велат од Град Скопје за средбата.

Состанокот е оценет како продуктивен при што беше потенциран фактот дека социјален дијалог постои и дека тоа отвора простор во следните неколку дена да биде изнајдено прифатливо решение.

Договорено е разговорите да продолжат во среда, во 11 часот, во Град Скопје каде што ќе бидат договорени и конкретни чекори кои би можеле да бидат преземени во насока на надминување на проблемот и излегување во пресрет на синдикалните барања на припадниците на противпожарната бригада.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.