Град Скопје објави јавен повик за стипендии за средношколци со попречености

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек реализацијата на проект „Стипендирање на средношколци со попречености, ученици во средните училишта на Град Скопје“, со цел подигање на квалитетот на образованието на оваа категорија на ученици.

Врз основа на условите и критериумите утврдени со Правилникот за доделување стипендии на средношколци со попречености, ученици во средните училишта на Град Скопје ќе се стипендираат 25 ученици со попречености од средните училишта на Град Скопје.

Право на стипендија имаат кандидати кои учат во средните училишта на Град Скопје, а кои ги исполнуваат следниве услови: да се ученици со попречености кои имаат наод и мислење за видот и степенот на попреченоста во психичкиот или физичкиот развој и специфичните потреби, издаден од надлежна установа, согласно Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој, да се државјани на Република Cеверна Македонија, да се жители на Скопје, да се редовни ученици во средно училиште на Град Скопје, да се редовни ученици од I година кои во текот на основното образование имаат постигнат минимален просечен успех од 3,00, да се редовни ученици од II до IV година кои во текот на средното образование имаат постигнато минимален просечен успех од 3,00, да не се корисници на стипендија од друга институција, претпријатие или друга организација во учебната 2020/2021 година, да немаат повторувано година во текот на своето образование, освен поради здравствени причини.

Висината на стипендијата за еден ученик ќе изнесува 3.000 денари месечно (нето износ) , во времетраење од 9 (девет) месеци за учебната 2020/2021 година.

Во постапката за доделување стипендии од Програмата за активностите на Град Скопје од областа на средното образование за 2020 година, во изборот ќе влезат апликанти – средношколци, кои врз основа на критериумите ќе обезбедат најмалку 60 бодови, од вкупно 100 бодови.

Пријавите треба да се достават до Град Скопје, преку пошта на адреса: бул. „Илинден“ бр.82, 1000 Скопје, или во Архивата на Градот Скопје (барака 16), најдоцна до 24.09.2020 година до 19:00 часот.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.