Се реконструира улицата Никола Карев, кај Железничка

На улицата Никола Карев од денеска се изведуваат градежни работи за реконструкција на нејзиниот коловоз. Екипите на Град Скопје во наредниот месец ќе работат на потегот од крстосницата со улицата Трета македонска бригада до булеварот Кузман Јосифовски Питу, на должина од 510 метри.

Освен обнова на коловозот, градежните работи ќе опфатат и реконструкција на тротоарите со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници.

„По изградбата на улицата Есенинова, која ја започнавме минатата недела, и со реконструкцијата на улицата Никола Карев жителите на општините Центар, Аеродром, Кисела вода и Гази Баба побрзо и полесно ќе стигнуваат до саканата дестинација. На тој начин, движењето од Кисела Вода до Гази Баба ќе биде скратено за нешто повеќе од 10-ина минути“, рече денеска градоначалникот Шилегов.

Дополнително, на улицата Никола Карев се предвидени и велосипедски патеки од двете страни, со што ќе се поврзат двете главни велосипедски рути на булеварот Кузман Јосифовски Питу и булеварот Трета македонска бригада, кои ги поврзуваат општините Центар и Аеродром.

За реконструкција на улицата Никола Карев ќе се вложат околу 15 милиони денари, а рокот на изведба е 30 дена.

Шилегов упати апел до граѓаните да покажат трпение додека траат реконструкциите и целосно да го почитуваат привремениот сообраќаен режим кој гарантира максимална безбедност на сите учесници во сообраќајот. Тој изрази уверување дека оваа улица, како и другите, ќе биде завршена и порано од предвидениот рок.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.