Градинките почнуваат со работа

Градинките од денеска почнуваат со работа, со посебни протоколи со цел заштита на децата и вработените во градинките.

Во градинките се запишани 29.000 деца, а согласно протоколите прием може да се направи на околу 19.000 деца. Досега пријавени од страна на родителите дека ќе посетуваат градинка се околу 14.500 деца.

При тоа приоритет ќе имаат самохраните родители и родителите кои не можат работните обврски да ги вршат од дома и ќе приложат соодветна потврда.

Согласно протоколот, престојот на децата треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи, сместени во одделни простории согласно мoжностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено кога времето го дозволува тоа и во помали групи. Приемот на деца по воспитна група треба да биде со десет минути временска разлика на влез на кој задолжително е растојание од два метри, а детето го спроведува еден родител и секогаш носи заштитна маска.

Потребно е да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, лицата кои доставуваат храна задолжително треба да носат маски и ракавици, храната за децата треба да се остава пред занималната, а децата треба да јадат во неа со претходна дезинфекција на рацете и на масите.

На сите вработени при влегување во установата задолжително ќе им се мери температура.

Растојанието меѓу масите за седење на децата треба да биде меѓу еден ипол и два метри, спиењето е организирано така што децата треба да бидат поставени на крвеетите според принципот нозе – глава, исто такво растојание ќе има на единечни кревети и постелнина на секое дете одбележана со неговото име.

Сите вработени во установата мора да носат заштитни маски.

Во групите на деца на возраст до две години треба да има максимум по шест деца, а на возраст над две години по максимум 15 деца.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.