Се појави сопственикот на дивоградбата кај Мавровка, вели дека имал дозвола

Мевљудин Алити, сопственикот на дивоградбата кај Мавровка, за првпат се појави пред јавноста за време на рушењето на објектот.

„Еве од Град Скопје што сум добил, еве сумата што сум ја платил према Град Скопје, еве ги и потписите од кај Петре Шилегов. Еве го решението за другиот објект, за парцелата од 86 метри квадратни, со потпис, со датум, со сè“, рече Алити покажувајќи на новинарите цела папка со документи.

Тој тврди дека има одобрение за обнова на објектот кој му изгорел до темел.

„Ова е од Општина Чаир што сум го добил за расчистување на парцелата каде што се гради сега, на 24 јуни 2020, значи не сум отишол по свој памет таму да градам или да обновувам. Тоа е прво.

Второ, ова е дел од имотните листи од парцелата, еве го едниот имотен лист од Град Скопје, еве ја сумата што сум ја платил, еве го решението од Општината за легализирање на едната парцела. Еве и за другата парцела со елаборат. Еве имотен лист од другата парцела“, рече Алити.

Неговиот адвокат, Александар Варела, најави дека правдата ќе ја бараат по судски пат.

„Ако во време на Грујо 'Космос' се уриваше по телефон, сега тоа го прави 'Македонијапат', ќе одиме на суд“, изјави адвокатот Варела.

Јавноста денеска за првпат го виде сопственикот на градбата кај Мавровка, кој минатите месеци се криеше и покрај тоа што имаше јавен повик тој да се јави за објектот што се градеше на местото на изгореното кафуле „Фонтана“, на што му претходеше и мистериозно сечење на неколкудецениско здраво дрво во негова близина.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.