Нема конечен заклучок кој стои зад обоената вода на Вардар, инспекторите не утврдиле загадување

Според анализата од Центарот за санитарна контрола при ЈП Водовод и Канализација, Скопје, обоената вода на реката Вардар која на 15 јули беше забележана кај мостот Близнак, каде граничат општините Гази Баба и Аеродром, има неутрална вредност.

 

 

„Може да се каже дека PH вредноста на водата е неутрална со вредност од 7.08. Електро спроводливоста на водата е со минимално зголемување кое не е штетно по живиот свет во водата. Се претпоставува дека обојувањето на водата е предизвикано при испирање на површина која содржи примеси на метали (‘рѓа) со чиста вода“, се вели во соопштение на Државниот инспекторат за животна средина во кое се додава дека инспекторите кои излегле на терен не забележале помор на риби во реката.

 

На 15 јули кога била добиена дојавата за еко-инцидентот биле извршени два вонредни инспекциски надзора во комплексот на поранешна Железара, кај правните субјекти, Либерти и Макстил.

 

„Кај Либерти АД-Скопје (поранешен Арцелор Митал), е утврдено дека во моментот на надзорот погонот Лужилница не беше во работен режим, односно производниот процес беше целосно сопрен. Погонот не е во работен процес почнувајќи од 10 јули во вечерните часови. При увидот во пречистителната станица утврдено е дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим и од пречистителната станица истекуваше отпадна вода која беше видливо безбојна. Исто така се изврши визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД - Скопје, при што забележано е дека истекуваше видливо безбојна отпадна вода“, објаснуваат од Државниот инспекторат од каде заклучуваат дека кај двата субјекти нема забележано појава на истекување на портокалова отпадна вода и нема надминување на вредностите на pH и Железо согласно условите наведени во дозволата.

 

Од Инспекторатот од каде врз основа на утврдената состојба, ќе ја прекинат постапката за овој случај, дополнително информираат дека во главниот колектор од индустрискиот комплекс Железара се влеваат фекални води од сите компании и фирми во кругот на поранешната фабрика и атмосферски води од кровните конструкции од објектите, но и од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација.

 

„Во главниот колектор преку канализациони приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, од амбуланти, приватни фирми, училишта и семејни куќи“, појаснуваат од Државниот инспекторат додаваќи дека за најголемиот дел од нив надлежни се инспекциските служби од Град Скопје и од Општина Гази Баба.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.