Досега 41 уметник настапија во „Култура во време на корона“

Во време на полициски час, тие за граѓаните понудија концерти на класична, поп, рок, алтернативна и електронска музика, како и видео-визуелна уметност. Од Град Скопје велат дека гледаноста на концертите на социајлните мрежи е со над 180.000 прегледи.

 

Како дел од програмата „Култура во време на корона“ настапи досега имаа Lepi Xhoni, Eye Cue, Христина Зафировска, Артан Кастрати, Funk Shui, Musaiq, Гоце Илиевски, Арда Мустафоглу, Емилија Попивода, Дуња Иванова, Силви Бенд, Pluto`s Doubts, South park, Пламенка Трајковска – квартет, DJ Еlectron, Мартин Мила и Agni Avshar. Значајно е да се нагласи дека досега музичарите изведуваа инструментална музика и дела на македонски, албански и на англиски јазик, а во иднина ќе се изведуваат музички дела и на други јазици.

 

Изведувачите настапуваа на повеќе локации низ градот, во 6 скопски општини, и тоа, на „Ибни Пајко“; во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“; во паркот во Скопје Север; во Топанско поле; на Млечен; во паркот „Шопен“ во Кисела Вода; во Аеродром кај „Стела“; кај Музејот на современа уметност и на покривот на „Домот на градежници“. Нивните настапи беа стримувани на:  Фејсбук страницата и Јутуб каналот на Град Скопје.

 

Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13 април објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.

Од првиот маалски концерт што се одржа во средата на 15 април, па до денеска, како дел од програмата „Култура во време на корона“ на отворено настапија 41 уметник, во 17 проекти, соопшти Град Скопје.



© Скопски портал. Сите права се заштитени.