Чаир

Реконструкција на ОУ „Васил Главинов“ во Чаир

Се реконструира едно од најстарите основни училишта во Скопје – ОУ „Васил Главинов“ во Чаир, за што се вложени  повеќе од 14 милиони денари. Со реконструкцијата се опфатени трите блока на училиштето и вклучува целосна внатрешна санација и на електричната инсталација.

 

-Откако ќе завршат градежните работи во овие трите блока, ќе продолжиме со јавна набавка и за последниот блок Г  и целосна реконструкција на спортската сала на ова училиште. МОН обезбеди средства во рамки на проектната единица и за покривот на училиштето, со инвестиција од над 10 милиони денари. Максимално сме посветени да ја подобриме инфраструктурата, не само во Општина Чаир, туку и на национално ниво каде што има потреба, изјави ресорниот министер Арбер Адеми, кој денеска го посети училишниот објект придружуван од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

 

Адеми нагласи дека е оптимист  и дека ако продолжат со активностите и реализацијата како во  втората половина од 2018 година, очекува да имаат добра реализација на капиталните инвестиции и во 2019 година.

 

Настава во ОУ „Васил Главинов“ следат околу 900 ученици од различни етнички заедници. Објектот е од пред земјотресот – најстариот дел  е изграден во далечната 1956 година, а два блока се доизградени во  1968 година. Градежните работи во првата фаза се очекува да траат до април, а дотогаш наставата нема да биде во прекин. Директорот Ќамуран Кучи рече дека за настава привремено ќе се користат и четири училници во вечерното училиште „Макаренко“.

 

На новинарско прашање министерот  Адеми одговори дека во Општина Дебар се сменети имињата на две училишта, што биле во процедура од 2012 година.

 

-И во оваа прилика ќе споменам дека образованието, имињата на училиштата не треба да бидат прашање на дневната политика и создавање тензии, туку треба да ја рефлектираат волјата на националноста каде гравитира тоа школо, волјата на колективот, менаџментот, учениците, родителите. Тензии не му требат на образованието, додаде Адеми.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.