Две нови паркиралишта кај Зелен пазар

ЈП Паркинзи на Општина Центар денеска пушта во употреба две нови паркиралишта во склоп на Зелен пазар согласно постигнатиот договор на состанокот помеѓу ЈП ПОЦ, Општина Центар, Скопски пазар и пазарџиите од Зелен пазар со цел да се надминат проблемите на паркиралиштето „Автомакедонија“.

„ЈП Паркинзи на Општина Центар го уреди 'дивиот паркинг' позади Зелен пазар, кој беше во хаотична состојба и нефункционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар, и постави нов систем за контрола со влезно-излезни рампи. Од ова неуредено паркиралиште, ЈП ПОЦ направи две функционални паркиралишта, едното паркиралиште е наменето за товарните возила на пазарџиите, а другото за жителите на ул. 11 Октомври бр. 16, 18, 20, 22, 24, 26 и 28 и бул. Кочо Рацин бр.32 и 38“, соопштија од ЈП ПОЦ.

Оттаму велат дека со отворање на овие паркиралишта, паркиралиштето „Автомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови.

Од претпријатието наведуваат дека во наредниот период контролите на ова паркиралиште ќе бидат зачестени и сите нерегуларности ќе бидат санкционирани.

„Определивме простор за товарните возила кој од денес веќе е во функција и доколку нашите контролори затекнат товарни возила надвор од затворениот простор, тие веднаш ќе бидат санкционирани. Правилата и редот ќе мора да ги почитуваме сите“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.