Петре Шилегов и Велимир Смилевски извршија увид во изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина

Екипите на Град Скопје почнаа со изведба на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, на потегот од крстосницата со булеварот Христијан Тодоровски - Карпош до крстосницата со улиците Ќемал Сејфула и Бутелска.

 

 Увид во градежните работи на оваа делница денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски.

 

„Очекуваме во наредните десетина месеци да дојде до спојување со трасата на булеварот Босна и Херцеговина, која веќе се работи. Граѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение, со кое се спојуваат булеварот Словенија, Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски - Карпош“, рече градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

 

Тој рече дека станува збор за нови 1.700 метри булевар, со ширина од 40 метри, со шест коловозни ленти, две велосипедски и две пешачки патеки.

 

За реализацијата на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, од буџетот на Град Скопје издвоени се приближно 100 милиони денари со пресметан ДДВ.

 

Шилегов упати апел до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено воведениот сообраќаен режим и да ја почитуваат поставената патна сигнализација, а брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.

 

Од Градот потсетуваат дека некогашната улица Босна и Херцеговина е изградена пред 40-ина години, од тогаш асфалтот не е променет, а улицата била широка само 7 метри.

 




© Скопски портал. Сите права се заштитени.