Пуштен во употреба Булеварот Христјан Тодоровски - Карпош во Бутел

Во присуство на градоначалникот Петре Шилегов, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалниците на општините Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари - Велимир Смилевски, Борис Георгиевски и Курто Дудуш, како и претставници од јавните претпријатија беше пуштен во употреба новиот Булевар Х.Т.-Карпош.

 

Северниот дел од градот за првпат е целосно поврзан со булеварско решение од обиколницата до централното градско подрачје. Новиот булевар е со вкупна ширина од 40 метри, со вкупно 6 коловозни ленти од по 3,5 метри (по 3 ленти во двата правци), велосипедски патеки од двете страни со ширина од 2,5 метри, пешачки патеки од двете страни со променлива ширина и простор за средишно зеленило и зелен појас од двете страни на булеварот. На новиот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош е поставена нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа, како и целосно ново улично осветлување со 140 столбови.

 

За изградбата на оваа делница во должина од два километра, која се протега од крстосницата со булеварот Босна и Херцеговина до клучката на скопската обиколница, Град Скопје потроши 285 милиони денари или околу 4,6 милиони евра со вклучен ДДВ. Овој нов булевар ќе овозможи побрз излез на обиколницата за околу 100.000 граѓани кои живеат во северниот дел од градот, особено од Чаир, Скопје Север, Топанско поле и од Железара, со што ќе се релаксира сообраќајот во целиот град.  Досега единствената сообраќајна опција за поврзување со централниот дел од Скопје на неколку десетици илјади жители од Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево и други населени места беше улицата Бутелска, на која се создаваше голем сообраќаен метеж. За овие граѓани булеварот Христијан Тодоровски Карпош ќе биде нова сообраќајна алтернатива. 

 




© Скопски портал. Сите права се заштитени.