„Зелен хуман град“: Протест за одбрана на дрвјата во Аеродром

Од „Зелен хуман град“ најавија протест во Аеродром поради, како што велат, планирано проширување на улицата Васко Карангелески, а со тоа и сечење на голем број дрвја што таму постојат со децении.

„Наместо да го заштитиме зеленилото во најзагадената скопска општина, локалната власт продолжува со зголемување на автоцентричноста на населбата и намалување на зеленилото што е премногу потребно таму.

Вчера, кај обележаните дрвја за сечење кај ул. Васко Карангелески стигнала механизација, а од утре ќе се почнело со проширување на улицата. ЗХГ нема да дозволиме уништување на белите дробови на еден од најзагадените градови во светот.

Локалната власт во заминување ветуваше зелени површини, а наместо тоа донесе уште поголема бетонизација и сечење на дрвја. За да биде лицемерието поголемо, новиот кандидат за градоначалник на Аеродром од СДСМ кажува дека ќе се грижел за зеленилото, за зеленило што ќе го исече неговата партија ли ќе се грижи?“ велат од „Зелен хуман град“.

Оттаму ги повикуваат сите граѓани кои не сакаат да живеат во бетонски град да дојдат денес (22 септември) во 10 часот спроти ОУ „Љубен Лапе“ до Воениот базен заеднички да го сопрат уништувањето на уште еден ред зеленило во градот.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.