Цело одделение од „Љубен Лапе“ во Аеродром во изолација поради ученик позитивен на коронавирус

Цела паралелка од осмо одделение во основното училиште „Љубен Лапе“ во Аеродром од денеска е во изолација поради ученик кој добил позитивен резултат на коронавирус, а вчера бил на настава, на првиот училиштен ден од новата учебна година.

Вчера се пожалил на главоболка, а денеска веќе било познато дека е позитивен на коронавирус. Учениците добиле порака да останат дома во следните две недели.

Освен за одделението од „Љубен Лапе“, од Министерството за здравство велат дека епидемиолозите прават анкети и во други училишта каде што ученици при влезот имале покачена телесна температура.

По една и пол година онлајн настава, учебната година вчера почна со физичка настава во средните и во основните училишта.

Поради високиот број заразени од коронавирус во Тетово и Гостивар, Комисијата за заштита од заразни болести, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн настава во првите две недели од септември.

Ослободени од настава со физичко присуство може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести по барање од родителите, како и од други немедицински причини со дозвола на училиштето.

Доколку се влоши епидемиолошката состојба и се зголеми ризикот од ширење на заразата, ќе се премине на друг модел на настава, односно ќе се примени некое од двете резервни сценарија – второто е комбинирана настава со наизменично ротирање на две групи ученици – онлајн и со физичко присуство, и третото сценарио е модел на настава како минатата учебна година – едни ученици да бидат во училиштата, а други постојано да следат настава на далечина.

За евентуална промена на моделот на наставата ќе одлучи Комисијата за заштита од заразни болести и МОН ќе постапи по нејзините инструкции.




© Скопски портал. Сите права се заштитени.